Прислушуваните разговори на судењето за „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности продолжија со маките на обвинетиот Миле Јанакиески да најде кандидати за сателитската Социјалдемократска партија на локалните избори во 2013 година, за збунување на гласачите на СДСМ.
„Пари давам, никој не се нафаќа. Ете, по 2.000 евра плаќаме“, му кажува по телефон тогашниот пратеник Славе Гошев на Миле Јанакиески.
Потоа во друг разговор вели: „Најдех човек.“
„Дај ми брзо име и презиме, чекаат во суд одма да издадат уверение за неосудуваност. До полноќ во ДИК мора листи да поднесеме“, му вели Јанакиески.
Јанакиески врти по социјалисти и вмровци во: Кратово, Градско, Гази Баба, Струмица, Охрид… и бара противкандидати за градоначалници, за да не остане само еден противкандидат на ВМРО-ДПМНЕ, оти, како што вели во бомбите, ќе биде страшно.
„Ако нема 50 отсто излезност, ќе мора да се повторат изборите, ако се само двајца кандидати за градоначалник. А со тројца или четворица, не“, вели Јанакиески.
Почнува потрага по противкандидати, а Миле вика:
„Итно е, дајте пребегани од СДСМ, дајте кој било, само да не е наш од партија. Во суд ќе ни дадат уверенија итно и до полноќ ги поднесуваме во ДИК, ноќеска истекува рокот за поднесување кандидатури. Не треба кажи им ни кампања, ни ништо“, се брза Миле.
Во потрагата по каков било противкандидат за Градско, се вклучува и ексминистерот Никола Тодоров.
Потоа еден соговорник се фали дека нашол некоја жена што се нафатила за 2.000 евра.
„Работи во болница. Ја чекам да и заврши работното време, одма ви носам нејзини податоци “, му рапортира непознат сопартиец на Миле.
„Ми текна за една особа, новинарка од МИА Слаѓана. Има и една наставничка. Иле мислам ја знае. Знаеш, она ќе ги убеди родителите“, му вели друго лице на Миле, вклучено во потрагата по фиктивни кандидати локалните избори во 2013 година.
Со Тодоров тргнува работата. Тој наоѓа тројца противкандидати за пратеници, чии имиња не ги знае кога Миле го прашува кои се луѓето.
Во „Титаник“ за изборни нерегуларности се обвинети 21 лице, на чело со експремиерот Никола Груевски, вклучувајќи и половина од поранешното највисоко раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
С. К. ДЕЛЕВСКА