Битолскиот градоначалник Владимир Талески денес бил на работа во Општина Битола, додека СЈО го чекало да се појави на распит во Скопје, дознаваме од општински извори. Засега нема одговор зошто не се јавил во Специјалното јавно обвинителство иако бил уредно поканет. Од СЈО сооштија дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против него поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело во случајот „Транспортер“, а поднесен е и предлог за определување на мерка притвор.
Откако се расчу веста дека СЈО бара притвор за Талески, поголем број битолчани на социјалните мрежи на градскиот татко му порачаа „ако си маж појави се!“ Битолчани се во исчекување дали ќе биде протворен првиот човек на Општината, а ако дојде до тоа каде и кога.
Од Шарената револуција велат дека ќе се произнесат откако ќе добијат повратна информација дали против Талески ќе бидат преземени конкретни мерки за случајот „Транспортер“. Во меѓувреме, закажан е вечерашниот протест со почеток од 19 часот пред Офицерскиот дом во Битола, на кој ќе присуствува ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во случајот „Транспортер“ СЈО ги осомничи Талески и уште 22 луѓе, меѓу кои негови соработници од Oпштината, директори на битолски училишта и директори на транспортни фирми од Битола за местење тендери за превоз на ученици во Битола, со што ја оштетиле градската каса за 360.000 евра. Постапката беше запрена бидејќи првиот човек на Битола се најде на листата со помилувани функционери од страна на претседателот Иаванов. Откако тој ја повлече аболицијата, СЈО продолжи да постапува по предметот.