Обвинителката од Специјалното јвно обвинителство (СЈО) Фатиме Фетаи побара итно издвојување на постапката на обвинетиот за насилствата во Општина Центар во 2013, бидејќи и денес не дојде на судењето за насилства и шамари во Центар.
„Постојано е болен, повреден. Сега скршил прешлен што ќе заздравел за 1 месец. Во иднина, можеме да очекуваме дека ќе забремени. Предлагам да се издвои Митко Пецов од оваа постапка“, рече Фетаи.
Тука е обвинет и експремиерот и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, за нарачување на насилствата, кршењето на Општина Центар и за нарачка на „неколку јаки шамари“ за тогашниот градоначалник Андреј Жерновски.
Судијата Душан Јосифов донесе одлука да го издвои во посебна постапка Пецов и да го продолжи судењето на кое обвинетиот Груевски пак доцнеше.
Ако не се издвоеше постапката, судењето кое трае и се влече 2 години, ќе треба да се одложи и влегува во опасност да застари.
С. К. ДЕЛЕВСКА