СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ ПРЕДВИДЕНИ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ФОНДОВИТЕ ЗА ПЕНЗИСКО И ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ

    СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ ПРЕДВИДЕНИ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ФОНДОВИТЕ ЗА ПЕНЗИСКО И ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕСо ребалансот на буџетот приходите се намалени за милијарда денари, а расходите за 1,2 милијарди денари. - Од владината седница (Фото: СДК.МК)

    Со ребалансот на буџетот на Република Македонија, што Владата на вечерашната седница го усвои, плус пари ќе добијат Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување. Од Владата соопштија дека ќе се реалоцираат дополнителни средства за овие фондови за да може непречено да се исплаќаат пензиите, и за да можат граѓаните непречено да ги остваруваат правата на здравствена заштита и боледување, како и правото на надомест по основ на невработеност.

    „Постапката за измени и дополнувања на Буџетот за 2018 година, Владата ја иницира во овој период за да се запазат роковите согласно законската регулатива за негово усвојување во Собранието до 15 ноември, во случај доколку не се донесе одлука за одржување на предвремени избори“, велат од Владата.

    Со ребалансот на буџетот на Република Македонија се предлага приходите да се намалат за милијарда денари, а расходите за 1,2 милијарди денари. Со предлог измените и дополнувањата на буџетот на Република Македонија за 2018 година, кои сега треба да влезат во собраниска процедура, планирано е вкупните приходи да бидат 192,5 милијарди денари, место првично планираните 193,5 милијарди денари, а вкупните расходи да бидат 210,5 милијарди денари место првично планираните 211,7 милијарди денари.

    По вонредната 94 седницата Владата соопшти дека донеле одлука за ребаланс врз основа на фискалните движења, кои наметнале потреба за минимално прилагодување на буџетот.

    „Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок, односно ќе изнесува 18,1 милијарда денари, наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари. Во однос на бруто домашниот производ (БДП), буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП. Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2018 година што предлагаме да ги усвои Собранието на Република Македонија приходната страна на буџетот ревидирана е за незначителни 0,5 отсто надолу, односно за 1 милијарда денари“, соопшти Владата.

    Во услови на непроменети приходи на основниот буџет, ревидирањето на иницијално планираните проекции кај приходната страна на буџетот е резултат на: намалување на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки, и според остварувањето во деветте месеци од годината, благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од околу 1,5 отсто, односно истите се ревидирани на ниво од 56,2 милијарди денари.

    Социјалните придонеси се приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување, како и на Агенцијата за вработување, а претходно беа планирани на 55,4 милијарди денари.

    „Владата го усвои предлогот на Министерството за финансии расходите за 2018 година да се намалат за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто, а позначајни измени се: реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, намалување на капиталните проекти, кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно проекти финансирани со кредити, намалување на каматните трошоци за 897 милиони денари, зајакнување на фискалниот капацитет на општините“, соопшти Владата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира