Од 30.000 прегледани деца на територијата на Македонија, десет проценти имале проблеми со видот, соопштија од Лајонс клубовите во Битола по повод Меѓународниот ден на белиот стап. Овие клубови кои веќе петта година го спроведуваат проектот за рано откривање на проблемите со видот кај малите деца.
„Ние како Лајонс клубови на Битола, четири на број, имаме една скрининг програма во која веќе петта година правиме напори за рано откривање на слепилото кај малите деца. Имаме многу голем успех на територијата на нашата држава. До сега се прегледани 30.000 дечиња и продолжува таа активност. Кај 10 проценти од прегледаните се откриле проблеми со видот. Ангажирани се професионалци офталмолози кои ги вршат прегледите“, рече Антонио Димитровски од Лајонс клубот од Битола.
По повод Меѓународниот ден на белиот стап, слепите лица вчера од Битола продефилираа низ Широк Сокак. Во Битола ги има 220 лица со оштетен вид, а комплетно слепи се половината. Тие апелираа до здравите сограѓани барем еднаш годишно да прават очен преглед.
„Ме плаши тоа што бројот на слепи лица во последно време бележи пораст. Деновиве, кај нас се зачлени млада девојка од 25 години. Се борам слепило да има сѐ помалку, сѐ помалку да имаме членови. Ќе упатам апел до сите здрави лица, до оние кои гледаат, барем еднаш годишно да направат преглед во Офалмотолошкото одделение во болница, да се провери видот. Кога почнуваме да не гледаме добро, па бараме очила од сопруг или сопруга за да видиме нешто на телефонот или во весникот, тоа се првите симптоми и треба да оди на преглед“, рече Стевче Костадиновски, претседател на Здружението на слепи лица од Битола.
Тој рече дека во Битола на 24 октомври ќе се отвори Ресурсен центар за возрасни лица кои го изгубиле видот. Таму услуги ќе добиваат лицата со оштетен вид од Пелагонискиот и Преспанскиот Регион.
„Сакам уште да апелирам да ги вратиме заштитните работилници, фирмите не само да ги искористат парите од државата туку вистински да ги вработат инвалидизираните лица“, рече Костадиновски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА