Милијардерот Пол Ален, коосновачот на „Мајкрософт“, почина на 65-годишна возраст од компликациите од нехоџкинов лимфом.
Тој пред две недели објави дека болеста му се вратила, откако претходно се лекуваше во 2009 година.
Ален го создаде своето големо богатство заедно со школскиот пријател Бил Гејтс, со кој го почна „Мајкрософт“ во 1975 година.
„Скршен сум поради смртта на еден од моите најстари и најдраги пријатели. Личните компјутери не би постоеле без него. Од нашите први школски денови, преку партнерството во ‘Мајкрософт‘, до нашите бројни добротворни проекти, Пол беше вистински партнер и пријател. Неговиот придонес во светот на технологијата и филантропијата ќе го паметат генерации“, изјави Гејтс.
Ален ја напушти компанијата во 1983 година, кога првпат му беше дијагностициран рак на крвта, од кој заздрави, по што ја отвори инвестициската компанија „Вулкан“.
Се проценува дека тој донирал повеќе од две милијарди долари во разни добротворни проекти.