Годишно од грип во Европската унија има околу 70.000 смртни случаи, а 90 отсто од нив се лица на возраст над 65 години, покажуваат податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Европската комисија. Според овие податоци луѓето над 65 годишна возраст кај кои има компликации од грип најчесто имаат и други хронични заболувања, а грипот убива повеќе луѓе отколку во сообраќајни несреќи.
„Вакцинацијата против грип е најефективниот начин за спречување на болеста и нејзините тешки форми, а кои можат да доведат и до хоспитализација и смрт. Грипот има сериозни социо-економски последици и предизвикува трошоци и за здравствениот систем и за секој граѓанин поединечно“, беше кажано на медицинската конференција за важноста на имунизацијата и улогата на вакцините што се одржа во француската амбасада во Македонија.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние кажа дека посебно е горд што француската фармацевтска компанија „Санофи Пастeр“, која ги произведува четиривалентните вакцини против грип кои Министерството за здравство ги набави за бесплатна вакцинација на лица над 65 години со просечна и потпросечна пензија и за лица без пензија, е дел токму од кампањата за едукација на населението за важноста од имунизацијата за заштита од грип.
„Ова е дел од добрите македонско-француски односи во областа на здравството, која ќе се продлабочува и во наредниот период, а таа соработка ќе се продлабочува и преку Француската агенција за развој, која ќе помогне во областа на здравството“, рече Тимоние.
Тој ги поздрави заложбите и неодамнешните одлуки за снабдување со инсулин со константен и проверен квалитет, што зборува за сериозниот пристап на новите власти и нивната волја да се приклучат кон европските здравствени стандарди.
„За првпат во Македонија, успеавме да набавиме четиривалентна вакцина која е најнова и висококвалитетна и заштитува од четири видови на инфлуенца“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Ивана Стакиќ, Медицински менаџер на „Санофи Пастер“ одговорна за централна и југоисточна Европа кажа дека со овие вакцини против грип успешно може да се вакцинираат и деца од 6-месечна возраст и трудници.
Четиривалентните вакцини против грип обезбедуваат заштита од четири типа на грип, односно од два вируси од типот А и од два вируси од типот Б. Досега вакцините против грип беа тривалентни, но по препорака на Светската здравствена организација развиени се новите вакцини, бидејќи двата типа на вирусот Б со различен интензитет биле присутни во различни периоди од годината во различни земји.
„’Санофи Пастер’ сака да ја поддржи иницијативата за подигнувањето на свеста за имунизацијата. Драго ми е што ние сме првата компанија што ги направи достапни четиривалентните вакцини против грип на македонскиот пазар,“ изјави Дороти Лазаревска, Директор за „Санофи“ во Македонија.
Е. БОЧВАРОСКА