Ренџерите на македонската армија освоија второ место и сребрениот медал на натпреварите на вежбата во Обединетото Кралство „Камбриска патрола 2018“, на која се тестираат најдобрите од 103 тимови од домаќинот и 35 меѓународни армиски тимови.
Портпаролот на Армијата Тони Јаневски вели дека успехот кој го постигнаа припадниците на АРМ од ренџерскиот баталјон од составот на полкот за специјални операции на вежбата „Камбриска патрола 2018“ за сите кои ги следат активностите на оваа единица не бил за изненадување.
„Припадниците на тимот на македонските ренџери освојувајќи го сребрениот медал на ова врвно и уникатно војничко натпреварување од овој вид во светски рамки ја докажаа својата интероперабилност и способност да работат со своите колеги од светските армии , низ претходни континуирани подготовки и внатрешен избор. Припадниците на ренџерскиот баталјон на АРМ се познати по своите вештини да дејствуваат на крајно непристапни терени и во секакви временски услови што го прикажаа и на минатогодишната меѓународна вежба во Црна Гора „Заеднички предизвик 2017“ “, изјавија армискиот портпарол Тони Јаневски.
Во конкуренција на 138 тимови, тимот од 10 припадници на „Ренџерите“ на АРМ предводени од командантот Блерим Исмаили, го освои второто место на вежбата што се одржа неделава во Велс. Прв беше тим на пакистанската армија.
Македонската армија за прв пат учествува на една од најтешките воени вежби, која се одржува во Велика Британија, која се одржува на многу тешка теренска конфигурација и со освојувањето на второто место се запишаа во историјата на АРМ.
Г. ТРПЕНОСКИ