По Горанчо Савевски, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност во МВР, во бомбите за „Титаник“ на СЈО за злосторничко здружување за тешки изборни нерегуларности, денеска на судењето се слуша и гласот на Зоки Марковски, поранешен командир во полициската станица Центар.
Тој од обвинетата ексминистерка Гордана Јанкулоска бара прераспоредување на партиски полицајци на избирачките места во општина Центар за денот на вториот круг од гласањето за локалните избори 2013 година.
„Еден наш го преместив во Центар со 300 усилби, преку Сашо, Влатко Мијалков. Ми требаат наши, верни, политички чисти, да ги распоредиме по гласачкиве места“, бара командирот на ПС Центар од шефицата Јанкулоска.
Претходно, по паузата од бомбите, обвинетиот во „Титаник“ Никола Груевски 15 минути не влегуваше во судницата. Судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев, обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, 20-те други обвинети и нивните адвокати во тишина го чекаа Груевски.
Тој се извини за доцнењето кога влезе, а судијата јавно го опомена.
С. К. ДЕЛЕВСКА