АКО ГИ ЧУВААТ ФИСКАЛНИТЕ, ОПШТИНА БИТОЛА НА РОДИТЕЛИТЕ ЌЕ ИМ ГИ ВРАТИ ПАРИТЕ ШТО ГИ ПОТРОШИЛЕ ЗА ПРЕВОЗ НА УЧЕНИЦИТЕ

    АКО ГИ ЧУВААТ ФИСКАЛНИТЕ, ОПШТИНА БИТОЛА НА РОДИТЕЛИТЕ ЌЕ ИМ ГИ ВРАТИ ПАРИТЕ ШТО ГИ ПОТРОШИЛЕ ЗА ПРЕВОЗ НА УЧЕНИЦИТЕ Според донесени оригинални сметки, директорот на секое училиште е должен на крајот на секој месец или на почетокот на наредниот да достави извештај за сите ученици на кои треба да им се исплатат трошоци за превоз до Секторот за јавни дејности во Општина Битола (Фото: СДК.МК)

    Со ребалансот на Буџетот на Општина Битола издвоени се два милиони денари за да им се надоместат трошоците на родителите, кои во изминатиот период морале сами да го плаќаат превозот на учениците кој законски треба да е бесплатен. Жители од село Бучин се собраа за време на денешната седница на Советот на која се гласаше ребалансот и се пожалија дека немаат пари да им плаќаат превоз на децата да доаѓаат на училиште во Битола.

    „Еден месец еве децата не одат, не ги пуштаме, не се издржува. 150 денари денот само патот е. 20 дена 3.000 денари, а не сме ни вработени, од каде пари? 17 деца се од Бучин, но не е само Бучин проблемот, туку Трновци, Ивањевци, од Бучин кон Битола, сите села, значи цел автобус деца“, рече Славе Кожановски од Бучин.

    Од Општината изјавија дека на родителите ќе им се вратат средствата потрошени за превоз, но врз основа на фискални сметки. Директорот на секое училиште е должен на крајот на секој месец или на почетокот на наредниот да достави извештај за сите ученици на кои треба да им се исплатат трошоци за превоз до Секторот за јавни дејности во Општината. Извештајот треба да содржи список на ученици кои користеле превоз, бројот на денови и износ за исплата според донесени оригинални сметки. Секој ученик ќе треба да достави барање за враќање на трошоците, фотокопија од трансакциона сметка и лична карта на родител или стрател и оригинални фискални сметки.

    Градоначалничката Наташа Петровска изјави дека во иднина превозот на учениците ќе биде организиран законски, а не како во изминатиот период кога имало неправилности.

    „Претходно, Општина Битола ги плаќаше превозните услуги за учениците, а во автобусите споротивно на законот се возеа и граѓани. Не постои меѓуопштински превоз меѓу Битола и Могила. Учениците се возеле без договори во изминати години, во сериозни временски рамки од учебната година. Доказен материјал за тоа има. Имате потпишан договор на 4.12.2015 година, а имате исплаќање на средства за превозни услуги од 1 септември 2015 година. Тоа е казниво по закон“, рече Петровска.

    Таа додаде дека онаму каде биле потпишани договори, ексградоначалникот имал должност да формира тричелна комисија за следење на договорите, но таква комисија немало.

    Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека ова нема да биде решение, зашто дел од учениците доаѓале со сопствен превоз или не ги чуваат сите сметки.

    „Не се планира да се рефундураат средства од изминатата учебна година, не се земени во предвид рефундирањето на трошоците што ги направиле родителите зашто дел од овие ученици патувале со сопствен превоз, дел од нив не ги чуваат фискалите сметки, отвораат дополнителни проблеми наместо постоечките да ги решаваат“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советничката група од ВМРО-ДПМНЕ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира