Експлозивни направи биле испратени до Барак Обама и Хилари Клинтон, потврди американската Тајна служба.
Ова доаѓа само два дена откако писмо бомба беше пронајдено во домот на милијардерот Џорџ Сорос во њујоршко предградие.
Направите биле откриени од техничари кои ја проверуваат поштата што ја добиваат поранешните претседател и државен секретар. Поради сомнителен пакет била евакуирана и зградата Тајм Ворнер во Њујорк, каде што се наоѓа седиштето на Си-Ен-Ен.
Според Тајната служба, првиот пакет, адресиран на Клинтон, бил откриен на 23 октомври, а ден подоцна, сличен пакет бил испратен и до резиденцијата на Обама во Вашингтон.
„Двата пакета беа пресретнати пред да стигнат на предвидените адреси. Оние на кои им биле наменети немаа никаков контакт со нив, ниту беа доведени во некаков ризик“, се вели во соопштението на Тајната служба.
Официјално лице потврди дека станува збор за „функционални експлозивни направи“.