По две години макотрпна работа, завршена е реставрацијата на крстилницата во Епископската базилика во археолошкиот локалитет Стоби. Денес таа е повторно во истиот сјај и изглед како и пред 16 века кога била создадена.
Крстилницата е откриена во 70-тите години на минатиот век, и според археолозите е исклучителен споменик откриен на територијата на Македонија.
„Со нејзиното откривање Македонија археолошки доби многу, но веднаш започнале проблемите од аспект на заштита и презентација. Имало конзерваториски работи, но не од голем обем. По некое време објектот е запустен и никој не води грижа за него“, рече денес Мишко Тутковски координатор на проектот за реставрација на крстилницата.
Кога археолозите почнале да работат на Стоби во 2010 година, тој бил во исклучително лоша состојба, по што започнале со конзерваториски проект за негова заштита. Тоа завршило во 2013. По тригодишна пауза бидејќи немале средства, во 2016 година локалитетот доби грант од 89 илјади долари од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културното наследство во Македонија и екипите започнаа со голема конзерваторско- реставраторска работа на мозаикот.
„Работевме непрекинато осум месеци, а продолживме и годинава. Истовремено се работеше и реставрацијата на камената пластика. Сите столбови беа пронајдени во стотици парчиња и фрагменти. Колегите ги исчистија, ги составија и направија такви какви што можеме денес да ги видиме или такви како што беа во 6. век. Камчињата се тукашни, локални, тоа е испитано, нема ништо донесено од надвор. Изработката на мозаик и тогаш и денес е исклучителна работа, која бара многу уметнички, технолошки, технички познавања“, рече Тутковски.
Археолозите објаснуваат дека крстилницата е многу значајна според сите параметри. Според архитектонската форма, декорацијата на внатрешноста – мозаици, фрески, камена пластика, капители, столбови, сето тоа ја чини како учебник за христијанска археологија и уметност.
Епископската базилика е најзначајниот христијански објект во Стоби. Се наоѓа западно од театарот и во нејзината егзистенција постојат два посебни периода. Првиот период се однесува на Старата Епископска базилика, изградена во првата половина или средината на 4. век, што ја прави најстара црква во Македонија.Вториот период започнува во првата половина на 5.век со изградбата на новата монументална Епископска базилика.
„Благодарност до стручните екипи кои неуморно работеа со денови на тешки услови, за зачувување на културното наследство. Горди сме што изминатите 19 години помагаме да се сочува историското богатство на територијата на Македонија. Помогнавме за црквата ’Св.Перивлепта’ во Охрид, ’Св. Спас’ во Скопје, Кокино во Куманово. Оставиме за идните генерации дел од историјата, да дојдат да посетат, но и за туристите да можат да видат дел од националното богатство“, рече американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли.
Ова е трет грант на Амбасадата на САД за локалитетот Стоби. Во истражување на Римскиот форум (во 2001 година) вложени се 15 илјади долари, а во грантот за заштита на фреските на Епископската базилика (2010 година) вложени се 72,6 илјади долари. Досега во 14 грантови, Амбасадата на САД во заштита на македонското културно наследство вложила 1,3 милиони долари.
П. ПЕЧКОВ