Многу луѓе не научиле дека на спортски натпревар се влегува со карта која важи за едно лице и која треба да е оригинална, а не фалсификат, реагираат од ракометниот клуб „Пелистер“ преку соопштение, откако синоќа, неколку стотици луѓе не можеа да го проследат ракометниот натпревар Македонија-Турција во Битола, иако имаа купено билет.
„И покрај многубројните известувања и соопштенија, веројатно постојат и многу луѓе кои не научиле што е спортска култура и меѓународен спортски натпревар, не научиле дека на спортски натпревар се влегува со карта, која важи за едно лице и истата треба да е оригинална, а не фалсификат! Уште еднаш јавно им се извинуваме на сите искрени и чесни љубители на ракометот кои купија карта, а не беа во можност да влезат и да присуствуваат на натпреварот, затоа што некои други, несовесни гледачи го зедоа нивното место“, соопштија од клубот.
СТОТИЦИ БИТОЛЧАНИ СО ПЛАТЕНИ КАРТИ НЕ БЕА ПУШТЕНИ НА РАКОМЕТНИОТ МЕЧ МАКЕДОНИЈА-ТУРЦИЈА
РК „Пелистер“ ги покани сите оние кои имаат уредно купена карта од утре во девет часот да одат на истото место од кадешто ги купиле, да ги вратат билетите и парите да им бидат рефундирани. Воедно соопштуваат дека дел од средствата собрани од купените билети ќе ги донираат за лекувањето на Сара Настевска од Охрид.
На синоќешниот напревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Турција, што се играше во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, голем број битолчани и љубители на спортот од други градови останаа надвор, иако имаа купено билети. Внатре, пак, салата беше полна до последно место, па се седеше дури и на скалите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА