Одрон утрово падна на патот кој од Нерези води кон Средно Водно. Дел од патот после комплексот „Македонско село“ е затрупан со камења и парчиња од карпи.
Граѓаните кои утрово од Нерези се движеа кон Водно велат дека цело утро камењата стојат на патот, но никој уште не ги отстранил, ниту се поставени сообраќајни знаци за да ги информираат возачите дека на патот има одрон. Опасноста е поголема бидејќи одронот се наоѓа на една од кривините на патот, па возачите не можат да ги видат камењата додека не се доближат до местото.
Од Град Скопје под чија надлежност е парк шумата Водно велат дека овој пат е регионален и тие не се надлежни за негово одржување, туку Јавното претпријатие за државни патишта.
Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека тој пат го одржува „Македонија пат“ и дека веднаш ќе биде интервенирано на посочената локација.
А. АНТЕВСКА