Специјалното јавно обвинителство (СЈО) му достави на Основниот суд Скопје 1 дополнителни документи со кои уште еднаш му образложи зошто е надлежно за предметот „Тврдина“ кој се однесува на уништувањето на опремата за следење на комуникациите во МВР.
Дообјаснување од тимот на обвинителката Катица Јанева побарала судијка од Кривичниот суд, откако СЈО по целосното поништување на аболицијата побарало притвор за првоосомничениот и мерки на претпазливост за четири осомничени лица. Првоосомничен е Горан Грујовски, началник во МВР, а третоосомничена е бившата министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
„Законодавецот ги одвоил и разликува две категории на процесна надлежност, исклучиво на ова јавно обвинителство. Едната е кривичните дела да бидат поврзани со неовластено следење на комуникациите и втората е кривичните дела да произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Поврзаноста опфаќа многу поширок спектар и таа ги опфаќа сите криминални дејствија извршени во насока на злоупотреба на системите на следење на комуникациите, нивно уништување во насока на попречување на откривање на лицата кои го злоупотребиле системот и секако тука неизбежен дел е и случајот познат како „Пуч“. За сите овие дејствија судот неможе да очекува дека ќе постои комуникација. Напротив, тоа се дејствија со кои е овозможено незаконското следење на комуникациите и спречување на докажување за злоупотреба на таквите средства“, стои во барањата кои СЈО денес ги достави до Кривичниот суд.
СЈО тврди дека уништувањето на опремата преку дробење во отпад, со фалсификувана документација, се случило во март минатата година, откако опозицијата веќе почна да ги објавува незаконски прислушуваните разговори. За истрагата СЈО информираше на прес конференцфија на 30 март. Нецели две недели подоцна, на 12 април претседателот Ѓорге Иванов ја објави одлуката за аболиција на 56 лица, меѓу кои беа и осомничените за уништување на прислушната опрема.
Во меѓувреме, судија од Кривичниот совет го прифати барањето на СЈО за одредување мерка притвор за првоосомничениот Горан Грујовски, а потоа Кривичен совет од тројца судии од истиот суд ја преиначи таа одлука и ја замени со поблага мерка – куќен притвор. Грујовски помина 6 дена во притворското одделение во затворот во Шуто Оризари пред го продлжи притворот дома, а по аблоицијата му беше укинат и куќниот притвор.
Во СЈО се изненадени како од истиот суд кој пред тоа два пати носел одлуки за предметот „Тврдина“, сега стигнува ново барање со кое од обвинителството што се формираше токму поради аферата со прислушувањето се бара да ја докаже својата надлежност за истрага во случајот со уништувањето на прислушна опрема во МВР. Дотолку повеќе што во април четворица судии ја уважиле надлежноста на ова обвинителство за предметот „Тврдина“, па дури и донеле мерка за обезбедување притвор и куќен притвор, а сега се петти судија од истиот суд повторно ја проблематизира надлежноста на СЈО за уништување на опремата за следење на комуникациите. Настрана што и официјалното име на обвинителството со кое раководи Катица Јанева е Jавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Во случајот „Тврдина“ се осомничени шестмина службеници на МВР, вклучително и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека минатата година во март нелегално уништиле средства за прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање вредни 10 милиони евра и фалсификувале документи со кои ќе го оправдаат тоа уништување.
За поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска СЈО бара мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и забрана за напуштање на живеалиштето. Нејзиното сослушување во април беше прекинато оти на судијата што вршеше распит му се слоши. Потоа истиот судија се врати на работа, но замина на одмор. Во меѓувреме дојде аболицијата на претседателот Иванов и со неа се сопре постапката и против началникот Грујовски и против поранешната министерка Јанкуловска.