ВМРО-ДПМНЕ БАРА ИТНО ДА СЕ УКИНЕ МЕРКАТА ЗА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ПАРТИСКИОТ ИМОТ, ЌЕ СЕ ЖАЛИ КАЈ АМБАСАДОРИТЕ И СЕСТРИНСКИТЕ ПАРТИИ

    ВМРО-ДПМНЕ БАРА ИТНО ДА СЕ УКИНЕ МЕРКАТА ЗА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ПАРТИСКИОТ ИМОТ, ЌЕ СЕ ЖАЛИ КАЈ АМБАСАДОРИТЕ И СЕСТРИНСКИТЕ ПАРТИИКако што кажа Јанушев на денешната прес-конференција, вкупната вредност на целокупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ изнесува нешто околу 10 милиони евра (Фото: СДК.МК)

    Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев кажа дека поднеле жалба на одлуката на Основниот суд Скопје 1 да го замрзне целокупниот партиски имот на барање на СЈО во рамките на истрагата „Талир“. На прес-конференцијата во партиското седиште, кое што исто така е опфатено со мерката изречена од судот, Јанушев кажа дека СЈО не приложило ниту еден доказ и дека станува збор за политички прогон.

    „Поднесена е жалба, бараме итно да се укине оваа привремена мерка. Партијата како правно лице не е осомничена и ова е надвор од сите правни норми. Не е приложен ниту еден доказ од СЈО. За овој политички прогон ќе ги информираме меѓународните претставници во земјата и нашите сестрински партии“, изјави Јанушев.

    Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека од партискиот имот имаат продадено еден стан во Кисела Вода, кој што над 20 години бил во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ. Како што кажа Јанушев, вкупната вредност на целокупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ изнесува нешто околу 10 милиони евра.

    На крајот на прес-конференцијата, тој кажа дека се именувани в.д. претседатели на Унијата на жени и на Унијата на млади сили. Тоа се Благица Ласовска и Јован Јаулески.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира