ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЛИКА НЕ ОДИ НА РАБОТА ОД МАЈ, А ДОДЕКА ОДЕЛ ПОТРОШИЛ ЗА КАФЕАНИ ОКОЛУ 4 ИЛЈАДИ ЕВРА

    ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЛИКА НЕ ОДИ НА РАБОТА ОД МАЈ, А ДОДЕКА ОДЕЛ ПОТРОШИЛ ЗА КАФЕАНИ ОКОЛУ 4 ИЛЈАДИ ЕВРАВицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика вкупно потрошил 253.292 денари од буџетот за дневници за патувања во странство, користење мобилен телефон, за угостителски услуги во рамките на институциите и за ресторани и кафеани надвор од институциите (Архивска фотографија - Влада на РМ)

    Вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика за угостителски услуги во рамки на државните институции и за ресторани и кафеани надвор од институциите додека одел на работа потрошил 235.163 денари или околу 4 илјади евра, покажува, алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Тука влегуваат 130.713 денари за угостителски услуги во рамките на институциите, а 104.450 денари се ресторани надвор од институциите. Во странство потрошил само 5.227 денари.

    Алатката содржи податоци заклучно со мај. Заклучно со мај и вицепремиерот Лика престанал да се појавува на седниците на Владата. Нема податоци дали вицепремиерот, покрај платата што ја зема, иако не се појавува на седници, уште користи и одобрени средства од буџетот за репрезентација и патувања.

    Алатката за трошење на функционерите деновиве стана повторно актуелна откако министерот за култура Асаф Адеми се пофали дека откако е министер, од 4 јуни има потрошено помалку од 10.000 денари за патни трошоци и репрезентација. Тој овој податок го објави на официјалната страница на Министерството за култура, па неговиот шеф на Кабинет Фатон Фазлиу на својот фејсбук профил праша: „Зошто другите министри Албанци не ги објават своите трошоци на интернет страниците на своите министерства?“.

    Асаф Адеми е министер кој доаѓа од Беса, а другите министри Албанци, вклучително и вицепремиерот Хазби Лика се од ДУИ.

    Вицепремиерот Хазби Лика не доаѓа на седници на Владата од мај оваа година. Според записниците објавени на веб сајтот на владата тој не присуствувал на седниците до 13 октомври 2018 година.

    Прес службата на Владата упати одговор на прашањето дали Лика доаѓа на работа да побараме во неговиот кабинет. Во Кабинетот на Лика, ниту неговиот шеф на Кабинет, ниту пак одговорната за односи со јавноста викендов не одговараа на мобилните телефони. Според објавите на неговата Фејсбук страница, тој одвреме-навреме прима странски гости во својот кабинет. Последната таква средба е од 2 октомври со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која.

    Неофицијално, Лика не доаѓал во кабинетот поради тоа што е револтиран од лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој во една внатрепартиска битка не го поддржал, туку застанал на страната на друг висок партиски функционер.

    Вицепремиерот Лика беше во крилото на ДУИ кое се спротивстави за повторно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016 година. Тој заедно со потпретседателите на партијата Невзат Бејта и Теута Арифи остро се спротивставија на повторното формирање влада со Никола Груевски, па Ахмети во последен момент, наместо со долгогодишниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, коалицираше со СДСМ.

    Извори од ДУИ велат лидерот Ахмети го ставил Лика за вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор за да го неутрализира незадоволството на крилото од поранешните команданти на УЧК, каде тој бил влијателен.

    Лика во 2003 беше заменик-министер за внатрешни работи. Од 2005 до 2009 беше градоначалник на Тетово. Во 2009 повторно се кандидираше, но изгуби од Сади Беџети од ДПА.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира