Руската фудбалска федерација доби казна од 150.000 евра и условна дисквалификација од Европското првенство во Франција од УЕФА за насилното однесување на нејзините навивачи и, истовремено, француските власти се заканија дека ќе почнат да ги депортираат навивачите коишто предизвикуваат проблеми.
Неколку стотици англиски, руски и француски навивачи учествуваа во тридневните тепачки во Марсеј, додека полицијата се мачеше да се справи со насилството. Сцените со брутални тепачки помеѓу навивачите во Марсеј, како и помалите инциденти во Ница, Лил и во Париз ги засенија случувањата на фудбалските терените на почетокот на Европското првенство во Франција. Властите се плашат дека насилството може да ескалира во момент, кога француските безбедносни сили веќе се преоптоварени, што беше посебно нагласено ноќеска, кога исламски екстремист избоде полицаец и неговата сопруга во нивниот дом.
„Луѓето ќе бидат депортирани откако ќе бидат осудени, бидејќи тоа се луѓе коишто не можат да останат затоа што не се пожелни на нашата територија поради нивното однесување“, изјави денеска францускиот премиер Мануел Валс, без да ја прецизира националноста на оние коишто се соочуваат со депортација.
Алексеј Шпригин, претседателот на Унијата на руски фудбалски навивачи, денеска соопшти дека француските власти сакаат да депортираат 50-мина руски навивачки, чијшто автобус бил запрен на пат за Лил.