Со 5 гласа „за“, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања донесе одлука да му предложи на Собранието да гласа за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски како недостоен за вршење на пратеничката функција, откако беше правосилно осуден на двегодишна затворска казна во предметот на СЈО „Тенк“.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски на денешната седница рече дека станува збор за политички монтиран процес и дека се врши политички притисок врз правосудството. Долгогодишниот претседател на Собранието рече и дека ова е првпат во парламентарната историја да се одзема мандат врз основа на пресуда во која нема никаков доказ дека осудениот има земено пари или дека ја злоупотребил службената положба.
„Тоа е девастирање на судството. Тука треба да донесеме одлука со која се гази демократијата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат против одземањето на мандатот на Груевски“, рече Вељаноски.
По говорот на Вељаноски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата на комисијата.
Александар Кирацовски од СДСМ ги демантираше наводите на Вељаноски за политички прогон и за притисоци врз судството.
„Сега дојде време да функционира законот во државата. Јас ќе гласам за одземање на мандатот на Груевски бидејќи е недостоен да ја врши функцијата и апелирам оваа одлука на комисијата да одѕвонува во ушите на сите функционери дека секој што ги прекршил законот ќе одговара кога тогаш“, рече Кирацовски.
Претседателот на комисијата Павле Богоевски кажа дека ќе гласа за одземање на мандатот на Груевски бидејќи според собранискиот Деловник, тој не може да биде достоен да биде пратеник и да ги претставува граѓаните.
„Комисијата има два начина да работи на одземање мандат на пратеник. Иако таа улога е неблагодарна, едниот начин е кога пратеник е осуден за кривично дело над 5 години и тогаш се одзема автоматски. Вториот начин е кога осуден под пет години, но е недостоен за вршење на функција. Ние сега треба да оцениме“, рече Богоевски.
Извештајот и одлуката на комисијата ќе биде пратена до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој според Деловникот треба да ја стави одлуката на наредната собраниската седница.
Сашо Василевски од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тие ќе гласаат против одземање на мандатот на Груевски.
Г. ТРПЕНОСКИ