Шарената револуција и денес продолжи со одбројување. На платно напиша „Уставен за СЈО“ и голема четворка за да потсети дека остануваат четири дена до 18 јуни кога очекуваат да се исполнат две од нивните барања и го закачи на зградата на плоштад „Пела“ која е градилиште оти треба да добие барокна фасада. Тие бараат Уставен суд итно да се изјасни за уставноста на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и запирање на прогонот на демонстрантите со ослободување на сите приведени кои учествуваа во протестите од 12 април наваму.
„Непочитуван Уставен суд (или како и да те нарекуваат), остануваат уште четири денови до рокот што ти го испорачаа граѓаните кои протестираат со Шарена револуција и Протестирам. Насетуваме дека немате намера да се произнесете и дека со тоа можеби најавувате идно укинување на Специјалното јавно обвинителство. Мисли Уставен суд, размисли и присети се колку гнев има меѓу граѓаните и на што се спремни за да ја одбранат правдата“, напишаа шарените на Фејсбук.
За утревечер тие најавија протест од пред СЈО, а за в четврток блокада на раскрсници во Скопје.