144 ГРАЃАНИ ГО ТУЖАТ ГРАД СКОПЈЕ ОТИ ГИ КАСНАЛО КУЧЕ, 100 ИЛЈАДИ ЕВРА ГОДИШНО ОДАТ НА ОБЕСШТЕТУВАЊА

    144 ГРАЃАНИ ГО ТУЖАТ ГРАД СКОПЈЕ ОТИ ГИ КАСНАЛО КУЧЕ, 100 ИЛЈАДИ ЕВРА ГОДИШНО ОДАТ НА ОБЕСШТЕТУВАЊАРечиси сите тужби завршуваат со полза на граѓаните, а обештетувањето кое потоа им го плаќа Градот се движи од 1.000 до 2.000 евра.(Фото: СДК.МК)

    144 тужби има во моментов добиено Град Скопје од граѓани кои биле каснати од куче на улица односно на јавна површина.

    „Согласно евиденцијата на Град Скопје од 2016 година до сега, моментално се активни 144 судски предмети со основ надомест на штета настаната како резултат на каснување од куче, од кои 97 предмети се во прв степен пред Основниот суд Скопје 2 Скопје, а 47 предмети се во жалбена постапка пред Апелациониот суд Скопје. Повеќето тужби завршуваат во полза на граѓаните“, велат од Град Скопје.

    Според податоците од Град Скопје во просек годишно сто граѓани поднесуваат тужба бидејќи биле нападнати, каснати и повреди од улични кучиња. Речиси сите тужби завршуваат со полза на граѓаните, а обесштетувањето кое потоа им го плаќа Градот се движи од 1.000 до 2.000 евра. Со тоа од буџетот на Град Скопје годишно околу 100.000 евра се даваат за обесштетување на граѓани од каснато куче.

    Секојдневно граѓани се жалат дека се каснати од улични кучиња, а пред еден месец и вработен во Светска банка на кејот на Вардар беше каснат и повреден. Плоштадот Македонија и улица Македонија кои се најчести рути на туристите, се преполни со улични кучиња, но Шилегов вели дека според постојната програма кучињата мора да се вратат онаму од каде што се земени и друго решение нема. Според постојната програма „Улови, стерилизирај, врати“, кучињата се задржуваат во Вардариште 30 дена, а потоа се враќаат на улица од местото од каде што се земени.

    Минатиот викенд граѓани од активисти за заштита на животните маршираа и протестираа барајќи хуман третман за уличните кучиња.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира