Битолчани имале велосипедски клуб уште пред 112 години, а денес сѐ уште сонуваат да добијат соодветни велосипедски патеки. Се смета дека во Битола во 1906 година бил формиран еден од првите велосипедски клубови во Македонија, наречен „Спорт“, во кој членувал и познатиот фотограф и прв снимател на Балканот, Милтон Манаки. Во 1935 била издадена првата сообраќајна дозвола за возење велосипед, на трговецот Константин Давков. Во градот каде велосипедската култура се негувала пред еден век, денес, за жал, има многу повеќе моторни возила од велосипеди и нема соодветни велосипедски патеки.
„Имаше два обида за правење велосипедска патека, кои не се направени ни со консултација, ни проектот е промовиран сериозно. Една се направи на средината на шеталиштето, наиде на многу критики од јавноста и никој не излезе да го брани проектот. Новото што се правеше кај паркот е претесно, а се стартува нешто во Нова Битола, но треба систематски да се направи, цел град да се поврзе, да има мапа“, велат од граѓанската иницијатива „Битола на точак“, која преку организирани велосипедски тури низ градот ги поттикнува битолчани да возат велосипед, а во сообраќајот да се ослободи што повеќе простор за нив.
Нема точен број колку велосипедисти има Битола, но затоа пак се знае дека има околу 25.000 моторни возила, што е една третина од вкупниот број на жители. Во градот нема функционери и директори кои со точак одат на работа, но има битолчани кои и рано наутро на работните места стигнуваат со точак. Повеќето се приморани да возат низ густиот сообраќај, а и кога рекреираат излегуваат надвор од градот на патот кон Пелистер или грчка граница, зашто низ парковите нема соодветни места за велосипеди. Патеката што пред неколку години тогашните локални власти ја испишаа низ градското шеталиште е полна со минувачи.
„Треба да се обрне посебно внимание на велосипедскиот сообраќај, треба да размислуваме за дефинирање на велосипедските патеки, анализа на сообраќајната мрежа и можност за означување на сообраќајни ленти, обележување на велосипедски линии. За пешаците дефинирање на зони за смиран сообраќај, изградба на печаки патеки и зголемување на пешачките зони, т.е. промена на режим на сообраќај во централното градско подрачје“, вели Иванчо Тошевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалничката Наташа Петровска вели дека во постапка е изработка на сообраќаен план за Општина Битола, зашто постоечката сообраќајна студија е стара десет години и состојбата е изменета за да се постапува по неа.
„Ветив дека ќе има поинаков сообраќаен режим, но не можам да работам на нешто што е застарено после сугестиите што ги добив од надлежни релевантни инстанци дека треба да има обновување на податоците околу циркулацијата на сообраќајот, и токму затоа ребалансот на буџетот се однесува и на изработување на сообраќаен план “, рече Петровска.
Воедно, Општина Битола за првпат во своето постоење распиша јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните кои ќе купат велосипеди за 2018. Повикот за пријавување трае со 15 ноември. Општината, за да ги стимулира граѓаните за купување превозни средства што не го загадуваат воздухот, ќе обезбеди дел од потрошените средства за купен велосипед. Износот што ќе се субвенционира ќе биде до 30 проценти од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА