Пожарите кои со голема брзина се шират низ јужна Калифорнија уништија легендарен филмски сет и принудија голем број славни личности да ги напуштат своите домови, откако под голема закана се најде и градот Малибу.
Леди Гага, Ким Кардашијан, Шер и Гилјермо дел Торо се меѓу славните личности кои мораа да си ги евакуираат имотите и да организираат спасување на своите коњи. Оскаровецот Дел Торо и Кејтлин Џенер изјавија дека не знаат каква е судбината на нивните домови, додека во исто време целосно е уништен ранчот на студиото „Парамаунт“, кадешто се снимаше серијата „Западен свет“.
Пожарите избувнаа во четвртокот вечер и властите наредија евакуација на 250.000 луѓе, а засега е познато и дека има девет мртви.
Актерката Алисија Милано напиша на Твитер дека нејзиниот дом е во опасност, но дека успеала да ги спаси своите пет коњи.
Сајтот ТМЗ објави дека е уништен домот на олимпискиот шампион и татко на Ким Кардашијан, Џенер, а загриженост на социјалните мрежи изразија и Леди Гага и Шер.
„Загрижена сум за мојот дом во Малибу, но ништо не можам да преземам. Изгореа куќите на мои пријатели. Тешко ми е да го замислам сето тоа, затоа што живеам во Малибу од 1972 година“, изјави Шер.