УСВОЕН ПОСЛЕДНИОТ УСТАВЕН АМАНДМАН СО КОЈ СЕ ГАРАНТИРА ЗАШТИТА НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ

    УСВОЕН ПОСЛЕДНИОТ УСТАВЕН АМАНДМАН СО КОЈ СЕ ГАРАНТИРА ЗАШТИТА НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТНацрт-амандманот 36 беше последен за усвојување во собраниската Комисија за уставни прашања. Потоа за нацрт амандманите ќе се расправа на пленарната седница закажана за први декември; - Премиерот Зоран Заев на седницата на собраниската Комисија за уставни прашања (Фото: СДК.МК)

    Собраниската Комисија за уставни прашања со 9 гласови „за“ и пет „против“ го утврди  и четвртиот и последен нацрт-амандман (36) на Уставот, за уставните измени во врска со Догвоорт за името со Грција. Соовој амандман се гарантира заштита и негување на македонскиот идентитет, како и заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство, но без мешање во внатрешните работи на другите земји.

    „Со нацрт-амандманот се потенцира обврската на Република Македонија за заштита, гарантирање и негување на историското и културното наследство на македонскиот народ, како и заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со татковината. Во амандманот е пропишано дека Републиката се грижи и за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“, рече премиерот Зоран Заев.

    Заев рече дека целта на уставните измени е имплементација на Договорот со Грција со кој се овозможува влез на Република Македонија во Европската унија и во НАТО. Со новата формулација на членот 49, рече Заев, се даваат гаранции за заштита на македонскиот идентитет.

    „Идентитетот на македонскиот народ е заштитен. Нема да има никакви промени во идентитетот. Се внесува обврска во Уставот за заштита и негување на македонскиот идентитет. Овој став е на предлог на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Драго ми е што доаѓа вака надополнет, затоа што во последните неколку месеци тоа беше една од најотврените точки за дебата во земјава. Со тоа го затвораме и ова прашање со уште еднаш гарантирање на македонскиот идентитет во Уставот“, рече Заев.

    Тој потенцираше дека внесувањето во Уставот на дополнителна заштита на македонскиот идентитет не е на сметка на другите заедници, бидејќи во Уставот има одредби кои имаат силни гаранции за иднетитетот на заедниците.

    Пратеникот Фадиљ Зендели од Движењето БЕСА рече дека дијаспората не е само македонска, туку е и на другите етнички заедници.

    „Не може припадниците на другите етнички заедници да се третираат како граѓани кога се во странство. Мора да се најде начин како да се гарантираат нашите права како Албанци од Македонија кога сме во странство. Треба да има посебна формулација и за дисјаспората од другите заедници, а не само за македонската“, рече Зендели.

    Хари Локвенец од СДСМ рече дека предлогот на новата независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ е вистинско решение за зачувување на македонскиот идентитет преку негово спомнување во амандманот. На Локвенец му реплицираше Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека веќе во Македонија нема црвени линии.

    „Не ги зачувавте македонските црвени линии, бидејќи во Македонија веќе нема црвени линии за ништо. Буквално, патос избришавте со нив“, рече Ѓорчев и додаде дека Договорот со Грција е асиметричен, бидејќи Грција не го менува Уставот, а Македонија го менува.

    Пратеничката Елизабета Канческа-Милевска на власта и порача  дека треба да се обиде да постигне консензус по прашањето на промена на Уставот.

    „Владата треба да се заложи во овој период да се постигне национален консензус за ова прашање. Ако некој мисли дека ќе добие политички поени во овој процес многу се лаже. Не треба да се делиме на патриоти и предавници. Треба да најдеме начин во државата да има подобар живот“, рече Канческа-Милевска.

    Премиерот Заев во репликата до Канческа-Милевска, рече дека ќе се трудат да има вграденост на опозицијата и власта во еден процес кој значи сервис за граѓаните и дека цело време ја информирал опозицијата за сè што се случува во преговорите.

    Нацрт-амандманот 36 беше последен за усвојување во собраниската Комисија за уставни прашања . Потоа за нацрт-амандманите ќе се расправа на пленарната седница закажана за први декември. Расправата за секој амандман трае три дена, или максимум 12 дена. За да поминат нацрт-амандманите во втората фаза потребни се 61 глас.

    Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно. Нацртот на амандманите потоа Собранието го става на јавна дискусија. Рокот за  јавната дискусија ќе биде пет дена.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира