Исландскиот дефанзивец Кари Арнасон се изнасмеа на критиките на Кристијано Роналдо и го нарече португалскиот фудбалер „лош губитник“ по нерешените 1:1 во Сен Етјен на Европското првенство во Франција.
Исланд успеа да освои бод на својот прв натпревар на големите фудбалски натпреварувања со синоќешното реми против Португалија, но Роналдо, кој беше исфрустриран од тактиката на Исланѓаните, по мечот изјави дека противникот покажал „менталитет на мал тим“.
Арнасон, кој целосно го неутрализираше Роналдо и не му дозволи повеќе од две-три шанси, вели дека таквата изјава на Роналдо покажува зошто Меси секогаш ќе биде „еден чекор пред него“.
„Тоа што Роналдо е лош губитник го прави нашиот успех уште посладок. Мислам, може да каже што сака, но, реално, тој немаше вистинска шанса и таа што ја имаше не ја искористи. Неговите коментари се причината зошто Меси секогаш ќе биде еден чекор пред него. Тој е фантастичен фудбалер, но не е добар човек“, искоментира исландскиот фудбалер.