ГРУЕВСКИ СЕ ЈАВИ НА ФЕЈСБУК ОД БУДИМПЕШТА, ПОБАРАЛ АЗИЛ ОД УНГАРИЈА

    ГРУЕВСКИ СЕ ЈАВИ НА ФЕЈСБУК ОД БУДИМПЕШТА, ПОБАРАЛ АЗИЛ ОД УНГАРИЈАОд средбата на Никола Груевски со унгарскиот премиер Виктор Орбан во септември 2017 година во Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Осудениот експремиер Никола Груевски пред малку напиша на Фејсбук дека се наоѓа во Будимпешта и побарал политички азил од унгарските власти.

    „Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“, пишува на Фејсбук страна на која Груевски и порано се има јавувано со лични статуси.

    Министерството за надворешни работи (МНР) соопшти дека работи на верификација на информацијата дека Груевски е во Унгарија.

    „Во врска со наводната информација објавена на фејсбук профилот на г-динот Никола Груевски дека тој е во Будимпешта и дека побарал азил во Унгарија, Министерството за надворешни работи, во координација со надлежните институции во Република Македонија, постапува согласно своите законски надлежности во насока на верификација на информацијата. Веднаш по добивањето на релевантни информации во врска со наведеното, јавноста ќе биде соодветно и навремено информирана“, соопшти МНР.

    Полицијата од синоќа не може да го лоцира Груевски да го спроведе во затворот во Шутка на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО. Претходно, судски доставувач четири дена не можеше да го најде да му го врачи решението веднаш да се упати во затвор.

    Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски на 28 септември 2017 година во Охрид имаше работна средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кога веќе на Груевски му беше одземен пасошот како мерка на претпазливост. Орбан во Македонија допатува како лидер на партијата Фидес, сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ во фамилијата Европски народни партии и се задржа три часа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира