Специјалното јавно обвинетелство (СЈО) побара притвор за Никола Груевски, во време кога некои луѓе не можеа името да му го спомнат, кажа специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во интервју за 1ТВ.
На прашањето кој е виновен што осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски избега во Будимпешта и бара политички азил, таа рече дека СЈО ги искористило сите мерки што му стојат на располагање. Притвор за Груевски побарале уште во февруари 2016 година, кога беше отворена истрага за случајот „Титаник“ каде тој е обвинет за изборни нерегуларности, но судот го одбил нивното барање.
„До минатиот четврток кога Груевски беше присутен во земјава, не оддаваше настапи дека нема да се јави на суд и зошто би побарале да биде ставен во притвор. Се однесуваше како слободен граѓанин, одеше на работа како пратеник, се јавуваше на сите рочишта. Сметавме дека нема потреба во овој момент да побараме построга мерка за обезбедување. Да не си ја префрламе вината сега еден на друг“, рече Јанева.
Таа кажа дека очекува Груевски да биде екстрадиран во земјава.
А. АНТЕВСКА