ФИЛИПЧЕ БАРА ПОМОШ ОД ПОЛИЦИЈАТА И ОД АРМИЈАТА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ЛЕКАРИТЕ И МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ, ПО НАПАДОТ НА КАРИЛ

    ФИЛИПЧЕ БАРА ПОМОШ ОД ПОЛИЦИЈАТА И ОД АРМИЈАТА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ЛЕКАРИТЕ И МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ, ПО НАПАДОТ НА КАРИЛ„Правиме проценки каде и колку луѓе треба и колку може да се обезбедат. Агенција за обезбедување нема да ангажираме, туку бараме луѓе од редовите на армијата или полицијата“, рече министерот Венко Филипче (Фото: Министерство за здравство)

    По нападот на медицинска сестра на Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) од членови на семејството на починат пациент кој се лекувал на оваа клиника, министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе побара од Министерството за внатрешни работи да ангажира полиција која ќе стои пред Ургентниот центар на скопските клиники. Вакво обезбедување сè уште нема, а  денес министерот рече дека освен со МВР разговара и со Министерството за одбрана, ако можат од нивните редови да обезбедат луѓе кои ќе го обезбедуваат Ургентниот центар.

    Тој кажа дека пред неколку месеци  разгледувале опција да има приватно обезбедување, но тоа се покажало премногу скапо.

    „Покрај разговорите со Министерството за внатрешни работи, кое како што знаете и самото се соочува со недоволен кадар, разговараме и со Министерството за одбрана, да видиме дали може да најдеме луѓе кои ќе го обезбедуваат Ургентниот центар. Правиме проценки каде и колку луѓе треба и колку може да се обезбедат. Агенција за обезбедување нема да ангажираме, туку бараме луѓе од редовите на армијата или полицијата“, рече Филипче.

    Инцидентот се случи минатата недела, кога членови на семејството вербално и физички нападнаа медицинска сестра вработена на КАРИЛ. Директорката на КАРИЛ д-р Маја Мојсова тогаш кажа дека сочувствуваат со загубата на семејството, но дека вакво однесување е недозволиво и дека тие даваат сè од себе за да спасат човечките животи. Таа рече дека не е прв пат да биде нападнато медицинско лице од КАРИЛ.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира