МОСКВА ГО СВИКА ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР ПОРАДИ „ПОТТИКНУВАЊЕ АНТИРУСКИ ЧУВСТВА“

    МОСКВА ГО СВИКА ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР ПОРАДИ „ПОТТИКНУВАЊЕ АНТИРУСКИ ЧУВСТВА“

    Францускиот амбасадор во Москва Жан-Морис Рипер беше повикан на разговор во руското министерство за надворешни работи, набрзо по говорот на Сергеј Лавров во рускиот парламент во кој ги критикуваше француските власти за несоодветен третман на руските навивачи на Европското првенство во фудбал.
    Рускиот министер за надворешни работи ги обвини француските власти за нарушување на меѓународните конвенции со задржувањето на навивачите.
    „Факт е дека Французите се однесуваа целосно во спротивност на Виенската конвенција и јас веќе му пишав на францускиот министер за надворешни работи, барајќи да не дозволи во иднина да се случуваат вакви инциденти“ изјави Лавров.
    Руското министерство за надворешни работи ги обвини француските власти дека поттикнуваат антируски чувства во соопштението за повикувањето на францускиот амбасадот.
    „Понатамошното поттикнување антируски сентимент може сериозно да ја наруши атмосферата во руско-француските односи“, соопшти министерството.
    Претходно, француските власти се заканија дека ќе ги депортираат сите проблематични навивачи, а завчера во Лил запреа автобус со 40-тина руски навивачи, кои беа подложени на безбедносни проверки. УЕФА, пак, најави дека ќе ја исклучи руската репрезентација од Европското првенство во Франција, ако се повторат инцидентите од Марсеј во саботата, кога во тепачките помеѓу руските и англиските навивачи беа повредени на 35 луѓе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира