Од телефонот на Игор Југ, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, се читаа вибер пораки и листата на разговори на денешното продолжение од судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април лани.
Во пораките кои Игор Југ на 16 септември ги испраќа на лицето заведено во неговиот телефон како Борче Шушка, обвинетиот се жали дека тие кои го пратиле во Собрание го ставиле во затвор.
„Тие што ме пратија во Собрание, тие и ме осудија. Тие што им вршев нивни работи цел живот ме гонат. Ние по домови, по затвори и бегства, а куртони во фотелја“, му пишува Игор Југ на Борче.
Обвинителството кажа дека дента на 27 април обвинетиот Игор Југ, според записите во неговиот телефон, почнувајќи од 14.30 часот, неколку пати имал телефонски разговори со обвинетите Александар Василевски – Нинџа, Никола Митревски – Кољо и Јане Ченто.
Од мобилниот телефон на обвинетиот Горанче Ангелов беше читана комуникацијата преку Фејсбук со новинарот Бобан Нонковиќ на 20 јули.
„Само немој по два саати или денови друго да постираш. Тебе те знаат и почитуваат луѓето и треба да задржиш и авторитет, да не менуваш ставови според расположение оти ќе разочараш многу чесни луѓе што те сакаат и почитуваат“, пишува Нонковиќ.
Горанче му одговара: „Ок брат. Додека не дадат амнестија за 27 мој став не мењам, после може да трчам за ВМРО“.
А. АНТЕВСКА