АКО ИМА ОДЛУКА ЗА АЗИЛОТ НА ГРУЕВСКИ, ПРОЦЕДУРАТА ЈА ПОЧНАЛ ПРЕД ДА ИЗБЕГА ВО УНГАРИЈА

    АКО ИМА ОДЛУКА ЗА АЗИЛОТ НА ГРУЕВСКИ, ПРОЦЕДУРАТА ЈА ПОЧНАЛ ПРЕД ДА ИЗБЕГА ВО УНГАРИЈАУнгарските медиуми утринава пишуваат дека веќе е донесена одлука за барањето на азил на Груевски, но не кажуваат каква е одлуката. - Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 5 декември 2013 година од претседателот Ѓорге Иванов го прими највисокото државно одликување „8 Септември“ (Фото: Претседател на РМ)

    Ако Унгарија веќе има донесено одлука за азил за осудениот експремиер Никола Груевски, како што утринава објавија унгарски медиуми, тогаш таа е претходно почната уште пред тој да избега од Македонија, велат извори од министерството за правда за САКАМДАКАЖАМ.МК. Процедурата за добивање азил  во Унгарија трае од  15  до 60 дена, а Груевски се јави од Будимпешта на 13 ноември, кога преку Фејсбук кажа дека побарал азил од унгарските власти. Според изворите, во случај да е донесена одлуката, за што сè уште нема официјална потврда, унгарските власти само го чекале Груевски да пристигне во Будимпешта за да ја соопштат одлуката по неговото барање за азил.

    Претходно денеска, министерката за правда Рената Треневска – Дескоска денеска кажа дека не знае дали Груевски добил азил, но и да има и да нема одлука од унгарските власти, барањето за екстрадиција ќе биде доставено.

    „Не знам дали на Груевски му е доделен азил или не. Знам дека постапките за азил во Унгарија траат прилично долго, освен ако тие не спровеле некоја екстра брза постапка. Има примери, да не биде изненадена јавноста  за некои и по  девет месеци се решавало барања за азил. Јавноста треба да знае дека секогаш барањето за азил има приоритет од постапката за екстрадиција“, одговори Дескоска на новинарско прашање.

    Министерката Дескоска рече дека ова не е прв случај со Унгарија, дека имало и други случаи за барање азил и досега немало никаков проблем со  комуникацијата со Унгарија.

    Барањето за екстрадиција на избеганиот осуден експремиер Никола Груевски е подготвено и министерството за правда денес или утре ќе го испрати во Унгарија без разлика дали има или нема одлука за неговото барање за азил.

    „Очекувам денес, најдоцна до утре да се комплетира документацијата. Голем дел е завршено, се чека уште неколку технички документи да се преведат бидејќи документацијата е обемна. Во барањето за екстрадиција, покрај случајот ’Тенк‘ се наведени сите други кривични дела за кои што е обвинет Груевски“, рече министерката Дескоска по обраќањето на конференцијата на Македонското здружение на млади правници во Скопје.

    Груевски на 9 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, откако му беше одбиена жалбата, но судскиот курир во три наврати не успеа да му го врачи упатниот налог оти во домот немаше никого.

    На 12 ноември македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје, а МВР објави национална потерница по Груевски.

    На 13 ноември Груевски објави на Фејсбук дека е во Будимпешта и дека бара политички азил поради закани по живот во Македонија. Попладнето МНР ја проверуваше веродостојноста, унгарското МНР отпрвин ниту ја потврди, ниту ја демантираше, а пет часа по објавениот фејсбук-статус, вечерта на 13 ноември и МВР соопшти дека Груевски е во Унгарија и дека по него е распишана меѓународна потерница.

    Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека осудениот експремиер Никола Груевски поминал низ Србија на пат за Унгарија, во синоќешното интервју за телевизијата „Хепи“. Тој вели дека Груевски легално поминал низ Србија, со македонска лична карта и патен документ од унгарската амбасада во Тирана, бидејќи во тој момент, по него немало распишано меѓународна потерница.

    На 15 ноември Албанија официјално потврди дека на 11 ноември во 19:11 часот Груевски излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец кон Црна Гора, во автомобил сопственост на Амбасадата на Унгарија во Тирана.

    Црногорската полиција на 15 ноември потврди дека Груевски со унгарско дипломатско возило влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19.19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22.16 часот истиот ден ја напуштил земјата на граничниот премин Добраково со Србија.

    Вчера, српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека осудениот експремиер Никола Груевски поминал низ Србија на пат за Унгарија, во синоќешното интервју за телевизијата „Хепи“. Тој вели дека Груевски легално поминал низ Србија, со македонска лична карта и патен документ од унгарската амбасада во Тирана, бидејќи во тој момент, по него немало распишано меѓународна потерница.

    Г.ТРПЕНОСКИ

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира