ТЕТОВСКИТЕ ЕКОЛОГИСТИ СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА „ЈУГОХРОМ“ ЌЕ ЈА ИЗГРАДИ ФИЛТЕР СТАНИЦАТА

    ТЕТОВСКИТЕ ЕКОЛОГИСТИ СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА „ЈУГОХРОМ“ ЌЕ ЈА ИЗГРАДИ ФИЛТЕР СТАНИЦАТАДвижењето „Еко герила“ од Тетово се сомнева дека ќе биде изградена филтер станицата, бидејќи претходно било кажано дека таа ќе чини 12 милиони евра и треба да се гради две години, а сега се одвојуваат 1,5 милиони евра и рокот за изведба е скратен на пет месеци (Фото: СДК.МК)

    По објавата дека Владата на Република Македонија ќе одобри 1,5 милиони евра за инсталирање на филтри за прочистување на отпадните гасови во „Југохром“, реагираат тетовските екологисти од Движењето „Еко Герила“ и велат дека ова е уште една манипулација со јавноста.

    „Нашите сериозни сомневања се должат на фактот дека инсталацијата на системот за филтрирање порано чинеше 12 милиони евра и беа потребни најмалку 2 години за нивна инсталација. Не е јасно како цената на филтрите се намали од 12 милиони евра на 1,5 до 2 милиони евра и поставување на истите ќе се изврши во рок од 4-5 месеци за производство со капацитет од 55 отсто. Ние не им веруваме на ветувањата на Југохром и на Владата, бидејќи со години нè манипулираа“, се вели во соопштението на „Еко Герила“.

    Од оваа еколошка организација бараат од „Југохром“ и од Владата да дозволи во процесот на изградбата на заштитните филтри да бидат вклучени и независни експерти кои за да се запазат бараните стандарди.

    Вработените на „Југохром“ пак се охрабрени што конечно е добиен бараниот кредит за доизградба на филтер станицата.

    „Ние и порано баравме а и сега ќе побараме од Државниот инспекторат за екологија „Југохром“ повторно да проработи паралелно со изградбата на филтер станицата“, рече Бајрам Амети, претседател на синдикалната организација во фабриката.

    Југохром престана со работа во точно пред две години бидејќи на двапати пролонгираниот рок не успеа да ја изгради филтер станицата со која е обврзана според А еколошката дозвола за работа која треба да ја поседува. Пред неколку месеци раководството на „Југохром“ имаше средба со претставници од Владата од каде бараше средства за доизградба на филтер станицата. Тогаш на Југохромци им беше ветено дека ако обезбедат сопствени средства во висина од 4 милиони евра, Владата ќе се јави како гарант кај банките на фабриката да ѝ се одобри дополнителен кредит од 1,5 милиони евра за доизградба на филтер станицата.

    Изминативе неколку месеци на филтер станицата беше набавена и монтирана монтажна конструкција која ја изработи скопската фирма „Факом“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира