ДОМОТ ЗА ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ ЌЕ СЕ ИСПРАЗНИ, ДЕЦАТА ШТО НЕМА ДА БИДАТ ЗГРИЖЕНИ ВО СЕМЕЈСТВА, ЌЕ ЖИВЕАТ ВО МАЛИ ГРУПНИ ДОМОВИ

    ДОМОТ ЗА ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ ЌЕ СЕ ИСПРАЗНИ, ДЕЦАТА ШТО НЕМА ДА БИДАТ ЗГРИЖЕНИ ВО СЕМЕЈСТВА, ЌЕ ЖИВЕАТ ВО МАЛИ ГРУПНИ ДОМОВИOд Министерството за труд и социјала велат дека домот ќе остане во сопственост на државата и ќе продолжи да биде користен за нудење социјални услуги и дека се шпекулации и невистини тврдењата дека на тоа место ќе се гради хотел. (Фото: К. Попов)

    Штитениците од домот за деца без родители „11 Октомври“ кои нема да бидат згрижени од згрижувачки семејства, ќе бидат сместени во мали групни домови. Со тоа во рамките на проектот на Министерството за труд и социјална заштита и УНИЦЕФ за деинституционализација, објектот во скопската населба Капиштец веќе нема да функционира како дом за деца без родители. Но, од Министерството велат дека тој ќе остане во сопственост на државата и ќе продолжи да биде користен за нудење социјални услуги. Тие велат дека се шпекулации и невистини тврдењата дека на тоа место ќе се гради хотел.

    „Во соработка со УНИЦЕФ се ангажирани тројца меѓународни и еден домашен експерт кои, во соработка со вработените и раководството на домот, изработуваат план за трансформација на установата. Првичните размислувања одат во насока на трансформирање на установата во современ центар за поддршка на семејството, кој ќе ги поддржува и обучува згрижувачките семејства, биолошките семејства во ризик, семејствата со деца со попреченост и слично. Исто така, овој центар ќе работи на зајакнување на семејствата кои привремено ја изгубиле способноста да се грижат за своите деца, со цел да се обезбеди реинтеграција на семејството“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за труд и социјална политика.

    Се очекува планот за трансформација на домот „11 Октомври“ да биде изработен во првата половина на 2019 година. Од Министерството велат дека се подготвени да вложат значителни буџетски средства за реконструкција, адаптација и опремување на објектот за да овозможи достапни услуги и поддршка за семејствата кои имаат потреба од тоа.

    Во Детскиот дом за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ моментално се сместени 32 деца. Десет деца наскоро ќе добијат грижа од згрижувачки семејства. Останатите деца ќе бидат сместени во мали групни домови, во кои ќе биде обезбедена 24 часовна поддршка. До крајот на годината, два групни домови со најмалку десет деца ќе започнат со работа во Скопје, за што подготовките се во завршна фаза. Во нив ќе бидат ангажирани вработените од домот „11 Октомври“ кои наместо да нудат поддршка во установата, ќе работат со децата во групните домови. Дополнително, уште еден групен дом ќе биде основан во Штип.

    „Сместувањето на децата во семејно окружување или во средина којашто е најблиска до семејната е во најдобар интерес на детето, но и на општеството во целина. Светските и домашните искуства покажуваат дека квалитетот на грижата и придобивките за децата во такви услови се неспоредливо подобри одошто згрижувањето во големи, безлични и ’ладни‘ установи. Правиме напори да се подобри достапноста на поддршката за згрижувачките семејства, не само во материјална смисла, туку и во смисла на достапноста на различни услуги и психо-социјална поддршка.“, додаваат од Министерството.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира