Украина прогласи воена состојба, откако Русија вчера заплени три нејзини бродови, кога тие се обидоа да излезат на Азовско Море. Притоа е приведен и 23-член екипаж на бродовите.
По жестока дебата во парламентот, пратениците го поддржаа претседателот Петро Порошенко, кој побара воведување воена состојба за период од 30 дена, почнувајќи од 28 ноември.
Во такви услови, властите имаат право да забранат јавни собири и да ги регулираат медиумите. Некои пратеници стравуваат дека Порошенко дури би можел да ги одложи претседателските избори, закажани за 31 март 2019.
Руски бродови вчера запукаа на трите украински пловила покрај брегот на полуостровот Крим, обвинувајќи ги дека илегално влегле во нејзини територијални води, што од Москва беше опишано како смислена провокација. Ова е првпат војските на двете земји да дојдат во отворен конфликт, откако Крим беше анектиран од Русија во 2014 година.