Велешани бараат одговор кој дозволил Варницата во Велес да врши минирање минатиот месец, иако од Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање велат дека на 14 ноември донеле мерка за забрана за работа на каменоломот, кој е во сопственост на „Техно павер“ од Скопје. Државниот инспекторат вели дека по реакции на жителите на населбите Превалец и Тунел, неколку државни инспектори извршиле надзор на работата во каменоломот во текот на оваа година.
„Врз основа на инспекцискиот надзор направен на осми овој месец изготвен е Записник за констатација како прв акт во инспекциска постапка, по што врз основа на утврдена состојба на лице место и во документацијата за правниот субјект, на 14.11.2018 државниот инспектор за животна средина кој го вршел надзорот, согласно Законот за животна средина, со решение ја забрани работата на правното лице ДПТТУ. Каменолом Технопавер ДООЕЛ Скопје Подружница бр.2 во Превалец Велес“, стои во писмената информација од Државниот инспекторат за животна средина како одговор на прашањето дали работи фабриката.
Од Инспектарот велат дека каменоломот е затворен затоа што не поседува „А“ интегрирана еколошка дозвола. Раководството на Варницата има рок во траење од 90 дена во кој треба да се отстранат причините за настанатата состојба.
Велешани, пак, велат дека од каменоломот на 29 октомври слушнале силна детонација која ги вознемирила и бараат одговор кој им дозволил да работат, иако на неодамна одржаната јавна расправа, претсавник од Министерството за животна средина кажал дека Варницата не смее да работи од јуни годинава.
„Дозвола за усогласување, што е дел од постапката за добивање на ‘А’ интегрирана еколошка дозвола на ‘Техно павер’ сопственик на варницата во населба Превалец му е одземена на 4 јуни годинава и таа од тогаш не смее да работи“, рече Фатос Брлиу, претставник на Министерството за животна средина на јавната расправа што се одржа во Велес.
Овој случај е документиран и со видеоснимки кои беа споделени на социјалните мрежи. Тие бараат одговор и од велешката полиција и од обвинителството за овој случај, кој тоа дозволил минирање во услови кога фабриката на смее да работи и бараат одговорност.
П. ПЕЧКОВ