36- годишниот Б. М. од пограничното битолско село Гермијан е осомничен дека ги оштетил и поместил граничните камења на македонското-грчката граница, соопшти МВР. Според информациите во грчките медиуми, минатата недела биле оштетени 105 гранични столбови на граничната линија меѓу Грција и Македонија во должина од 12 километри.
„Регионалниот ценатар за гранични работи Југ го расчисти настанот од 23-ти овој месец, кога во периодот од 14,00 до 20,00 часот од страна на непознато лице беа оштетени и поместени граничните камења помеѓу Македонија и Грција. По преземени мерки констатирано е дека сторител на кривичното дело оштетување туѓи предмети е Б. М. (36) од с. Гермијан, Битола. Во полициска станица извршен е разговор со Б. М. и тој го признал кривичното дело. Во координација со Основното јавно обвинителство Битола и по целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена кривична пријава“, се вели во соопштението на МВР.
Селото Гермијан е оддалечено на неколку километри од македонско-грчката граница, а жителите кои претежно се сточари често пати со стоката преминуваат на грчката страна.
Ж. ЗДРАВКОВСКА