ФАРМАЦЕВТОТ ШКОДРАНУ ОД ФИРЕНЦА ЈА ДОНЕЛ УМЕТНОСТА ВО БИТОЛА

    ФАРМАЦЕВТОТ ШКОДРАНУ ОД ФИРЕНЦА ЈА ДОНЕЛ УМЕТНОСТА ВО БИТОЛАБитолскиот уметник и фармацевт Константин Шкодрано со сопругата/ Портрет на жена

    Битолчанецот Константин Шкодрану по професија фармацевт, пред повеќе од еден век имал самостојни изложби во Фиренца, Италија, ја насликал Влашката црква во Битола, а во градските куќи оставил ѕидно сликарство со мотиви од Венеција. Ова е уште еден уметник од крајот на 19 и почетокот на 20 век кој докажува дека Битола се развивала по европски терк.

    Шкодрану (1853-1926) им ја лекувал душата на битолчани и како фармацевт и како уметник. Бил роден во Битола, а завршил фармација на Факултетот за медицина во Константинопол (Цариград). Таму неговиот сликарски талент го забележал турски великодостојник кој му помогнал да замине во Фиренца и Рим. Таму останал две децении. Во Рим се запишал во Школата на убавите уметности, а во Фиренца имал повеќе самостојни изложби. Сликал најчесто портрети, пејзажи и сцени синтеза помеѓу реалистичкото и романтичното сликарство. Неговиот творечки ангажман многу придонел за издигање на градската средина во Битола паралелно со европското културно, творечко, цивилизациско милје.

    Портрет, масло на платно, почеток на 20 век

    „Во 1900 година Шкодрану се вратил во Битола каде работел како професор по дизајн и калиграфија во познатата романска гимназија. Неговото сликарство е од исклучително значење за градот, бидејќи покрај движните уметнички дела што ги создал, работел и сидно сликарство во голем дел на битолски староградски куќи. Најчесто овие дела, со поголем формат, биле според мотиви на венецијански мајстори, со што, не само што ги украсувал домовите на битолчани според сите европски стандарди, туку ја обележал Битола како цивилизациски центар кој со ништо не се разликувал од останатите европски, особено италијански градски центри“, вели Владо Ѓорески-Рафик, графички уметник.

    Шкодрану со уметникот Антон Серафини од Италија го насликале иконостасот во црквата „Св. Константин и Елена“ во Битола, позната како Влашка црква. Таа во 1904 година била изградена во центарот на Битола, а во шеесетите години била срушена и изградена во Влашкото Маало.

    Икона од црквата „Св. Константин и Елена“ од Сарафини

    „Во сликањето на иконостасот од оваа црква го повикал најверојатно неговиот пријател од Италија, Антон Серафини, кој пак во оваа црква реализирал повеќе сликарски дела со кои потполно е напуштена поствизантиската традиција, преку дела кој дефакто се под влијание на најистакнатите венецијански бароктни мајстори. Со ова, создале едно ново, црковно сликарство во Битола во директна корелација со италијанската уметност“, вели Ѓорески.

    Податоци за животот на овој уметник се објавени во монографијата за црквата „Св. Константин и Елена“ од историчарот на уметност Ристо Палигора, публикувана по повод 50 години од дислокацијата на црквата. Таа е единствена црква со оџаци, а осветена е на полноќ.

    Влашката црква во Битола (Фото: СДК.МК)

    „Во најголем дел црквата ја правеа Власите од Битола кои се одметнаа од Патријаршијата и сакаа да имаат богослужба на влашки јазик, па тајно ја изградија цквата. За да не препознае тогашниот владика дека е црква поставиле на неа и оџаци. Еден современик Константин Белемачев во својата автобиографија дава целосен приказ за тајното осветување на црквата на полноќ, дискретно без да разберат патријаршистите. Кога тие дознале доцна во ноќта и ги информирале турските власти, аскерот кога стигнал имало богослужба. По правилата на Османлиите тие никогаш не го прекинувале верскиот обред, со отворени врати присутните ја отслужиле литургијата, ја осветиле црквата, а потоа била запечатена и заѕидани влезовите“, вели Палигора.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира