Начелно е договорено Владата од утре да ја започне јавната расправа за нацрт-амандманите за промена на Уставот предвиден со Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција, велат извори од Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Првата расправа ќе се организира во Владата, па потоа ќе има расправи во МАНУ и други институции во Скопје.
Јавни расправи за нацрт-амандманите се планира да се одржат и во градовите каде има универзитети, како Штип, Тетово, а сè уште не било договорено дали јавна расправа ќе се одржи во Битола или Охрид.
Собранието за само три дена во втората фаза ги изгласа четирите нацрт амандмани за промена на Уставот, за чие донесување беше потребно просто мнозинство од 61 пратеник.
Јавната расправа по нацрт-амандманите за промена на Уставот ќе трае пет дена.
По завршувањето на дебатата, владата има рок од два дена да изготви извештај од јавната расправа.
Текстот на предлогот на амандманите на Уставот со образложението и извештајот за резултатите од јавната дискусија, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието. Претседателот на Собранието во рок од 30 дена треба да ја закаже собраниската седница.
- СОБРАНИЕТО ГО УТВРДИ ТЕКСТОТ НА НАЦРТ-АМАНДМАНОТ СО КОЈ СЕ ДОДАВА „СЕВЕРНА“ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО УСТАВОТ
- УТВРДЕН И НАЦРТ-АМАНДМАНОТ СО КОЈ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ „ОДЛУКИТЕ НА АСНОМ“ СЕ ЗАМЕНУВА СО „ПРОГЛАСОТ НА АСНОМ“
- ВО СОБРАНИЕТО УТВРДЕН И НАЦРТ-АМАНДМАНОТ СО КОЈ СЕ ГАРАНТИРА НЕПРОМЕНЛИВОСТ НА ГРАНИЦИТЕ
- УСВОЕН ПОСЛЕДНИОТ НАЦРТ-АМАНДМАН ЗА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ КОЈ СЕ ОДНЕСУВА НА МАКЕДОНСКИТЕ ИДЕНТИТЕТ, ЈАЗИК И КУЛТУРА
Претресот во Собранието се води по текстот на нацртот на секој амандман одделно и може да се дадат мислења и предлози.
На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот, секој пратеник, собраниско работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот.
Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисија по текстот на предлогот на секој амандман на Уставот водат општ претрес и претрес по текстот, кој може да трае најмногу три работни дена.
По текстот на Предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот кој може да трае најмногу три работни дена.
Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Амандманите што ги поднел предлагачот и амандманите со кои тој се согласил се сметаат за составен дел на текстот на предлогот на амандманот на Уставот.
Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници го утврдува предлогот на секој амандман одделно.
Амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Одлука за измена на Преамбулата, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, Собранието донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.
Собранието донесува одлука за прогласување на амандманите на Уставот со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Кога ќе се донесат измените на Уставот, за нивно спроведување, Собранието започнува постапка за донесување на уставен закон за спроведување на Уставот.
Уставниот закон се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Собранието донесува одлука за прогласување на уставниот закон со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според динамиката на процедурата за донесување на измените на Уставот, се очекува кон средината или кон крајот на јануари да заврши целата процедура за измени на Уставот предвиден со Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција.
Г. ТРПЕНОСКИ