Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов која во февруари 2011 година беше отворена во Тетово на улица Борис Кидриќ, ламела 54, кула 1 е продадена во 2015 година преку Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, но пред продажбата Владата не донела одлука дека на Кабинетот на Претседателот му престанува правото на времено користење на просторот.
Ова го утврди Државниот завод за ревизија во конечниот извештај по извршената ревизија на финасиските извештаи и усогласеност на основниот буџет на Претседателот на Република Македонија за 2017 година.
Во ревизорскиот извештај се вели дека со одлука на Владата од 2010 година Кабинетот на Претседателот добива право на времено користење без надомест на деловни простории во Тетово за отворање народни канцеларии. Овој простор претходно го користело Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Ревизорите утврдиле дека во 2015 година Република Македонија преку Акционерското друштво за сотопанисување со деловен простор во државна сопственост – Скопје по пат на електронско јавно надавање го продава овој деловен простор во Тетово на физичко лице.
„Пред да се изврши продажбата на деловниот простор Владата нема донесено одлука за престанок на користење на недвижна ствар од страна на Кабинетот на Претседателот согласно Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. Поради потребата од натамошно користење на деловниот простор за потребите на народната канцеларија во Тетово, почнувајќи од октомври 2016 година Кабинетот плаќа закупнина за користење на наведениот простор врз основа на закуп склучен со физичко лице, кое е сопственик“, стои во ревизорскиот извештај.
Е БОЧВАРОСКА