Актерката Љупка Арсова-Џундева, една од доајените на македонското глумиште, почина на 84 години, соопшти Македонскиот народен театар (МНТ), на чија сцена ја мина целата кариера. Нејзината последна улога на сцената на МНТ беше во 2015, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска.
„Џундева, тивката дама на македонското актерство, секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот ентузијазам и копнеж по театарската сцена, но и нежниот и милозвучен карактер, безвременска убавина, романтична појава и жесток став во негувањето на звучниот мајчин јазик ја направиле миленичка на театарските режисери, но и на широката театарска, филмска и телевизиска публика. Во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот од 1951 до 1990, кога замина во пензија. Љупка знаеше да каже дека треба да се најде мирот и љубовта кон луѓето, и колку што е можно човек треба да му се радува на животот. ‘Ние сме многу малку гости на овој свет’, знаеше нашата Буба. ‘Човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки самиот на себе, а потоа да ги прости и на другите. Кога ќе простиш, ќе го најдеш својот мир и ќе се ослободиш’“, велат од МНТ.
Џундева играше во првиот македонски филм „Фросина“, а се прослави со улогата во првата македонска комедија, култната „Мирно лето“ на Димитрие Османли, играше и во „Македонска крвава свадба“, како и во бројни театарски претстави, тв драми, монодрами и радиодрами. Меѓу другите признанија, доби и Награда за животно дело „11 Октомври“, награда за животно дело „Војдан Чернодрински“ и награда „13 Ноември“ на град Скопје.
„Во однос на комуникацијата со режисерот правила нема, но секогаш имало и сега ги има поединечните групи кои работат заедно, се наоѓаат по заедничките размислувања, кон театарот и за театарот. Режисерот гледа и размислува дали му одговараш или не. Ретки се режисерите кои би дале улога така, од пријателство или наклоност. Најмногу играв кај нашите режисери. Кај Ќостаров, кој беше голем авторитет кога почнував со актерството, кај Илија Милчин. Потоа дојдоа и Рули – Димитрие Османли и Бранко Ставрев, дојде и младиот Милчин, па Диме, па Љубиша. Во еден период доста работев со телевизија и таму снимав со Благоја Андреев, со Ацо Алексов, со Иван Митевски, со Тренчовски“, кажа во едно од ретките интервјуа Џундева.
Б. НЕСТОРОСКА