Активистите на Шарената револуција повикуваат на масовен протест денеска попладне пред седиштето на Специјалното јавно обвинителство, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа им се закани дека „можеме да влеземе во нова фаза, која нема да е добра за земјата, а најмалку за оние кои глумат некакви револуционери за дебели пари и туѓи интереси“.
Во саботата истече рокот за ултиматумот што го поставија граѓанските здруженија и „Шарената револуција“ со кој се бараше иницијативата за Специјалното јавно обвинителство да се најде на дневниот ред на Уставниот суд и да прекине полицискиот прогон на граѓански активисти.
Иницијативата за СЈО не е ставена на дневен ред, а полицијата продолжи да апси активисти на Шарената револуција. Вчера за време на прославата на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ беше уапсен, па потоа пуштен Павле Богоевски. Него полицијата го уапси додека затоа што сакаше да постави платно со политички пораки на кејот на Вардар спроти музејот на ВМРО каде што Груевски и неговите приврзаници го славеа роденденот на партијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се закани со граѓански судир. Во роденденскиот говор тој кажа дека е под притисок на илјадници граѓани кои бараат поддршка од него за „поодлучна народна акција“ за излез од политичката криза.
„Ако вака продолжат, колку и јас и моите соработници да сме толерантни и наколонети кон решавање на проблемите преку дијалог и демократски методи, нема да можам да ја држам ситуацијата под контрола, дека народот врие, и дека во еден момент може да му дојде преку глава, и да влеземе во нова фаза, која нема да е добра за земјата, а најмалку за оние кои глумат некакви револуционери за дебели пари и туѓи интереси“, рече Груевски на прославата во Музејот на македонската борба.
Тој го обвини СЈО дека е коалиционен партнер на СДСМ, и дека „не знаејки како уште повеќе да го притискаат судот, партиско мотивираното водство во СЈО почнаа да отвораат истраги за сѐ и сешто, празни истраги без елементарен доказен материјал“.