Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека Унијата нема повторно да преговара за договорот за брегзит, откако премиерката Тереза Меј го одложи гласањето во британскиот парламент, што требаше да се одржи утре.
Таа денеска донесе ваква одлука, сметајќи дека договорот ќе беше одбиен со значителна разлика во гласови. Лидерот на лабуристите, Џереми Корбијн, ја обвини Меј дека „ја изгубила контролата врз настаните“.
И покрај тоа, Туск кажа дека лидерите на Унијата в четврток ќе дискутираат за договорот што беше усвоен минатиот месец и како да се олесни неговата ратификација.
„Бидејќи времето истекува, ние мора да бидеме подготвени и за сценариото во коешто нема договор“, додаде Туск.
Ова уследи откако Меј изјави дека ќе оди во Брисел за да побара нови концесии од Европската Унија, откако нејзиниот договор наиде на негативен прием кај пратениците, при што голем број од нив биле подготвени да гласаат „против“ утре.
Претходно, Европскиот суд на правдата во Брисел пресуди дека Велика Британија има право еднострано да го раскине договорот за брегзит, без да бара дозвола од членките на ЕУ.