ПО ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ, ВЛАДАТА ГО ПРЕЗЕДЕ КОЛЕКТОРОТ ВО ОХРИД И ЌЕ ГО СПАСУВА ОД КОЛАПС

    ПО ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ, ВЛАДАТА ГО ПРЕЗЕДЕ КОЛЕКТОРОТ ВО ОХРИД И ЌЕ ГО СПАСУВА ОД КОЛАПСЦевководот по целата должина е затнат на многу места, а црпните станици работат со минимална сила (Фото: СДК.МК)

    По речиси четири децении од почетокот на неговата изградба, Владата го презема колекторот за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води. Ваквата одлука е донесена на вчерашната седница и доаѓа во време кога колекторот е во колапс.

    Според одлуката, ќе се формира јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое во иднина ќе управува и стопанисува со колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.

    „Ваквата одлука ни беше повеќе од потребна, бидејќи колекторскиот систем е пред колапс. Цевководот по целата должина е затнат на многу места, а црпните станици работат со минимална сила, со по еден или два редуктори. Под итно е потребна санација на целиот колекторски систем, за да може да си ја врши функцијата. Ние во изминатата година интервениравме и на цевководот и на црпните станици, но за темелна реконструкција на целиот објект потребни се значајни финансиски средства, кои ги немавме”, изјави директорот на „Охридски водовод”, Владимир Алексиоски.

    Оттаму додаваат дека охриѓани и стружани и натаму ќе мора да плаќаат надомест за колекторскиот систем, врз основа на потрошената вода во текот на месецот, што е 20 денари по кубен метар. Нагласуваат дека со формирањето на новото јавно претпријатие нема да има отпуштања на вработени кои сега работат во состав на „Охридски водовод”. Од идната година, од некогашната „Про аква” ќе бидат формирани две водоводни претпријатија во Охрид и во Струга.

    Колекторот почна да се гради во средината на 80-ите години од минатиот век и се сметаше за круцијална инвестиција која ќе го заштити Езерото. Охриѓани тогаш на референдум одлучија да плаќаат две години по две отсто од своите лични примања.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира