Марија Бошковска-Јанковска, советничка од НСДП сведочеше во судскиот процес за предметот на СЈО Насилства и шамари во Центар, посочувајќи го обвинетиот Александар Трајковски како еден од најбруталните напаѓачи во јуни 2013 година, кога беше искршена Општина Центар.
„Ме навредуваше со зборови најпогрдни за една жена: ‘Комуњарко, свињо дебела, курво’. Бидејќи е висок, а бараката и прозорците ниски, можеше буквално да ме дофати. Зеде скршено стакло да ме гаѓа. Даниела Рангелова ме спаси и фала ѝ пред сите за тоа!”, сведочеше советничката.
Во судницата, рече, го нема повозрасниот висок човек, „кој се соблече гол пред мене и го покажа својот полов орган“.
Во овој судски процес има уште еден сведок, па на ред се материјални докази и сведоци на одбраната. Ќе се пуштаат за првпат бомби за овој судски процес.
На избеганиот Никола Груевски му се суди во отсуство.
Судењето продолжува на 26 јануари.
С. К. ДЕЛЕВСКА