ЈОВАН ИМАШЕ ВИЗИЈА ДА ГО НАПРАВИ ОХРИД ТУРИСТИЧКА ПРЕСТОЛНИНА, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК

    ЈОВАН ИМАШЕ ВИЗИЈА ДА ГО НАПРАВИ ОХРИД ТУРИСТИЧКА ПРЕСТОЛНИНА, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИКПремиерот Зоран Заев со фамилијата на починатиот охридски градоначалник Јован Стојаноски на денешната комеморација. (Фото: СДК.МК)

    По повод ненадејната смрт на починатиот градоначалник на Охрид Јован Стојаноски, денес се одржа комеморативна седница во Општина Охрид. Покрај неговото семејство, присуствуваа членови на владата на чело со премиерот Зоран Заев, пратеници, пријатели, граѓани на Охрид.

    „Јован беше пријател и професионалец. Имаше визија за Охрид да биде туристичка престолнина. Отворен беше за секој предлог. Ненаметлив, исполнителен човек, а тоа помогна сите да му возвраќаат со длабока почит. Смртта на Стојаноски е загуба за академската заедница, пријателите, градот. Нека почива во мир“, рече Заев на комеморацијата.

    На комеморацијата се обрати блискиот пријател, сопартиец и пратеник Томислав Тунтев.

    „Јован друже, не се договоривме вака. Велат, човек умира двапати. Еднаш физички кога ќе го снема и еднаш кога нема да се споменува. Затоа друже, вечно ќе живееш во нас. Вечерта кога победи за градоначалник, одевме кон плоштад и ми рече ‘Друже, што направивме, од вечерва го менуваме светот’. ‘Сè ќе си биде исто, само нас ќе не нема“, така зборувавме со Јован. Збогум пријателе, збогум градоначалник, збогум голем човеку“, беа зборовите на Тунтев.

    Обраќање имаше и синот на Јован, Димитар Стојаноски.

    „Пред неколку дена, кога татко ми се врати дома, го прашав како може да заспива толку брзо? Кусо ми одговори: ‘Совеста ми е чиста, сине, затоа толку бргу заспивам’“, кажа Димитар.

    Братот на Јован, Стојмир Стојаноски, ги потсети присутните дека голема желба на Јован била да се изгради градскиот кеј во Охрид: „Затоа ве замолувам кога ќе се изгради кејот да го носи името на брат ми“.

    Посмртните останки на починатиот Јован Стојаноски ќе бидат погребани на Градските гробишта во Охрид во 14 часот.

    Градоначалникот Стојаноски почина во саботата, во возило на брза помош, на пат кон ЈЗУ „Кардиолошки завод“ – Охрид.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира