Покрај Александар Трајковски, уште едно лице вработено во Царина било во посета на азилантот Никола Груевски во Будимпешта, потврди директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски.
Лицето со кое избеганиот Груевски ручаше во ресторан во Будимпешта, кога беше снимен од унгарскиот портал „24“, е вработено во Секторот за контрола и истраги и додека бил во посета на експремиерот користел годишен одмор.
„Второто лице кое го имаше на снимка и беше препознаено земал два дена годишен одмор и користел еден слободен ден. Не би сакал да откривам повеќе детали бидејќи освен за бегството на Груевски, обвинителството за организиран криминал води и друга истрага и наскоро ќе биде информирана јавноста“, рече Танасоски.
И двајцата вработени кои беа во посета на Груевски сега доаѓаат секој ден на работа.
„Ние како Царина не можеме да им забрануваме на вработените во нивното слободно време или приватен живот каде да се движат. За двајцата вработени имаме истраги кои ќе покажат дали имало злоупотреби“, додаде Танасоски.
Трајковски, кој е еден од обвинетите во предметот на СЈО Насилство во Општина Центар, на судењето тврдеше дека бил во Будимпешта на преглед на синусите.
А. АНТЕВСКА