Семејството на Михаел Шумахер во реткото обраќање до јавноста изјави дека утре, кога тој полни 50 години, „ќе ги слави неговите победи, рекорди и успеси“.
Седумкратниот светски првак во Формула 1 претрпи тешки повреди на главата во скијачката несреќа што се случи на 30 декември 2013 година и оттогаш не е виден во јавност, ниту, пак, имаше официјални информации за процесот на неговото заздравување. Познато е само дека тој се рехабилитира во неговиот дом во Швајцарија.
„Можете да бидете сигурни дека тој е во најдобри раце. Правиме сѐ што е во човечка моќ за да му помогнеме. Разберете дека само ги следиме желбите на Михаел да го држиме неговиот приватен живот далеку од очите на јавноста“, соопшти семејството.
Еден од ретките луѓе кои се во постојан контакт со семејството на Шумахер е неговиот поранешен шеф во Ферари, Рос Брон.
„Постојано сум во контакт со неговата сопруга Корина и целосно се согласувам со нивната одлука. Михаел никогаш не бил јавна личност и тоа му беше водечки принцип низ животот и кариерата“, кажа Брон.