Нема да има одговорност кај Граничната полиција за бегството на осудениот експремиер Никола Груевски, бидејќи со сигурност било утврдено дека тој не избегал од легален граничен премин кон Албанија, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од Јавното обвинителство на Македонија. Не се знае каде точно ја преминал границата за да пребегне во Албанија, се претпоставува дека е на некој од дивите премини што често ги користат мештаните што живеат околу границата од двете страни.
Предистрагата утврдила дека во неговото бегство нема пропуст од службените лица од граничната полиција на Ќафасан, Свети Наум, Стење, Џепиште или Блато, кои се официјални гранични премини.
Снимките од безбедносните камери од граничните служби на Албанија и Црна Гора се обезбедени, а од нив Обвинителството за организиран криминал и корупција може да види само како се движело унгарското дипломатско возило со кое од Албанија Груевски тргнал преку Црна Гора и Србија, до Унгарија, крајната дестинација од чии власти тој за само неколку дена во брза процедура доби азил.
Проблемот како со лична карта (бидејќи пасошот му е во Основниот суд Скопје 1) Груевски влегол во Унгарија, е проблем на оваа држава и на ЕУ. Министерството за правда на Унгарија уште не се изјаснува за барањето за екстрадиција на Груевски, но од Обвинителството се сомневаат дека одлуката за азил која беше донесена за штитеникот на премиерот Виктор Орбан, ќе опстои уште долго.
Последен пат, во средината на декември лани, шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска рече дека се прегледуваат снимките од движењето на Груевски низ Скопје, сè до денот на неговото бегство на 9 или на 10 ноември 2018. Таа рече дека за бегството на Груевски се истражува евентуална одговорност на домашните институции, а од досега утврденото, има ненамерни пропусти.
Груевски на 13 ноември 2018 преку Фејсбук се јави дека е во Унгарија, а веќе на 20 ноември се пофали дека добил азил од унгарските власти.
С. К. ДЕЛЕВСКА