СИТЕ ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ ОД „11 ОКТОМВРИ“ ДО 15 ЈАНУАРИ ЌЕ БИДАТ СМЕСТЕНИ ВО МАЛИ ГРУПНИ ДОМОВИ

    СИТЕ ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ ОД „11 ОКТОМВРИ“ ДО 15 ЈАНУАРИ ЌЕ БИДАТ СМЕСТЕНИ ВО МАЛИ ГРУПНИ ДОМОВИДел од децата од домот „11 октомври“ веќе се сместени во два групни домa во Скопје, а до крајот на неделата дел од децата ќе се згрижат во мал групен дом во Штип. Последната група деца ќе го напушти домот до почетокот на второто полугодие.(Фото: К.Попов)

    До 15 јануари сите деца од домот „11 Октомври“ во Скопје ќе бидат сместени во мали групни домови. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во рамките на процесот на деинституционализација, домот за деца без родители „11 Октомври“ целосно ќе биде трансформиран. Дел од децата веќе се сместени во два групни домa во Скопје, а до крајот на неделата дел од децата ќе се згрижат во мал групен дом во Штип. Последната група деца ќе го напушти домот до почетокот на второто полугодие.

    „Пред неполни три месеци целосно беше трансформиран и домот ‘25 Мај‘ и сите 25 деца сега живеат во пет мали групни домови во Скопје и се вклучени во редовниот образовен процес. Исто така до крајот на минатата година од Специјалниот завод ‘Демир Капија‘ беа извадени сите деца до 18 години и сместени во мали групни домови каде што добија 24 часовен надзор, и индивидуализирани програми и дефектолошки третмани. Со овој процес досега бројот на деца сместени во институции се намали за 60 отсто. Заложбите на Министерството и на Владата се до 2020 година ниту едно дете под 18 години да не остане во институциите“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    Зградата во населбата Капиштец од Министерството велат дека ќе остане во сопственост на државата и ќе продолжи да биде користена за нудење социјални услуги.

    „Во соработка со УНИЦЕФ се ангажирани тројца меѓународни и еден домашен експерт кои, во соработка со вработените и раководството на домот, изработуваат план за трансформација на установата. Првичните размислувања одат во насока на трансформирање на установата во современ центар за поддршка на семејството, кој ќе ги поддржува и обучува згрижувачките семејства, биолошките семејства во ризик, семејствата со деца со попреченост и слично. Исто така, овој центар ќе работи на зајакнување на семејствата кои привремено ја изгубиле способноста да се грижат за своите деца, со цел да се обезбеди реинтеграција на семејството“, ни рекоа пред еден месец од Министерството за труд и социјална политика.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира