Стотици германски политичари, вклучувајќи ја и канцеларката Ангела Меркел, се жртви на голем хакерски напад и нивните лични податоци беа објавени на интернет. Објавени на Твитер беа контакти, приватни разговори и финансиски детали кои припаѓаат политичари од сите партии со исклучок на десничарската АФД. Изгледа и дека се објавени податоци на славни личности и новинари. Засега е нејасно кој стои зад хакерскиот напад.
Не е познат ниту обемот на хакерскиот напад, за кој министерката за правда Катарина Барли рече дека станува збор за сериозен напад.
Иако не се објавени политички чувствителни документи, се верува дека последиците од истекувањето на личните податоци ќе бидат значителни, вели новинарот Михаел Геченберг, кој го истражува хакерскиот напад.
Профилот на Твитер, кој ги објави податоците, има 17 илјади следбеници и е поврзан со интернет платформа од Хамбург. Меѓу погодените од хакерскиот напад е и канцеларката Меркел. Нејзе ѝ беа објавени и-мејл адресата и неколку писма. Објавени беа приватни разговори и детали од кредитните картички на пратеници од владејачките партии ЦДУ и СПД, како и на пратеници од Зелените, Дие Линке и ФДП. Исклучок се само пратеници од АФД.